Убава наша

Кожуф

12 јануари, 07:46

 

 

 

 

 

 

Природната планинска убавица Кожуф која се наоѓа на 40 км. од градот Гевгелија, плени со својата убавина и едноставност.

Распространета на територијата на две држави, нашата Македонија и Грција, зафаќа површина од околу 2000 км. квадратни.

Она што плени на Кожуф е секако чистиот планински воздух, сончевите топли зраци и природните убавини и пејзажи.

На оваа планинска убавица човековата рака сé уште нема многу допрено, па затоа тука природата може да се види во нејзината првобитност, онаква како што Бог ја исцртал.

Неколкуте чешмички на патот за Кожуф од кои тече планинска изворска вода, ги освежуваат и им ја гасат жедта на сите љубители на планината.

На патот кон врвовите на Кожуф, од време на време поздравуваат по некои стари дрвени куќарки, кои само сведочат на минатото, на животот и на населбите кои тука биле изградени.

Во прегратките на оваа убавина, на нејзините падини се наоѓа селото Конопиште, село од збиен тип, кое беше единствена општина во Македонија чие седиште се наоѓа токму на Кожуф Планина.

Неколкуте врвови на Кожуф се приказна за себе.

Погледот кој се добива од т.н. „врв на светот” е неверојатен и возбудлив. Не може да се опише со зборови, треба само да се доживее. Чувството добиено од фактот дека имате истовремено видик на две држави е огромно и незаменливо.

На моменти се добива чувство како да сте над облаците, како да пловите по нив. Облаците личат како немирно море кое се поигрува со ветрот, па често го менува својот облик и правец на движење.

Сите овие убавини можат најмногу да ги доживеат и почувствуваат вљубениците во зимските спортови, но и поголемите авантуристи, бидејќи изградени се жичарници кои стигаат до самите врвови.

Кога се соочуваме со големината на планините, со нивната убавина, кога успеваме да ги видиме и одблиску да ги доживееме снежните врвови, сфаќаме колку всушност сме мали ние луѓето, колку сме незабележливи во однос на нивната големина, сфаќаме дека сето ова што од Бога ни е дадено е многу вредно за нас и сфаќаме дека треба да го чуваме, да се грижиме за него и да го негуваме.

Кожуф е една од ретките планини кои покрај со останатите сетила се доживува и со душата. Прошетката по нејзините падини го збогатува душевниот мир, предизвикува чувство на смиреност, кое после тоа се задржува долго, долго во нас и долго време ќе не потсеќа на моментот кога сме биле во хармонија со планината, кога сме биле едно со неа.

 

 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 8999 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 Март

28 Март

Во 1986 година во Њујорк е родена Стефани Џоан Ангелина или позната за светската јавност како Лејди Гага. 

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус