Животен стил, Живеј квалитетно

Зошто е важно да јадете свесно?

17 јуни, 06:17

Свесното јадење е древен концепт кој го развиле будистите.

Овој древен начин на внесување храна во организмот не е диета, нити посебен режим на исхрана, не бара одрекување од вашата омилена храна, сè што бара е да јадете свесно.

 

 

Што значи свесно јадење?

Многумина од нас јадат брзо, додека јадат гледаат телевизија, го користат мобилниот телефон или разговараат со семејството.

Некои дури и не наоѓаат време да седнат додека набрзина го конзумираат својот оброк. Ваквиот начин на исхрана е сè, само не свесно јадење.

Свесното јадење подразбира бавно џвакање на секој залак, и не само тоа. Додека го внесувате залакот во устата, почувствувајте го вкусот на храната, нејзината текстура, мирисот, погледнете ги боите на храната во чинијата, уживајте во секој залак, свесно внесувајте ја храната во устата. И јадете во тишина, без разговор, без телевизија или било каква друга активност.

Свесното јадење е еден вид медитација, интензивно доживување на вкусот на храната, а резултатот е чувството на задоволство од вкусот на она што го јадете.
 

Зошто е важно свесното јадење?

Ако целото ваше внимание го насочите на храната и уживате во неа додека бавно џвакате, некаде на средина на оброкот можеби ќе почувствувате дека ви е доволно храна. Всушност, тоа е главната придобивка на свесното јадење.

Ако редовно се практикува, овој концепт води до развивање на свеста за потребата од храна, и со текот на времето станувате свесни за тоа дека не ви е потребна сета таа храна која сте ја јаделе пред извесен период. Колку повеќе станувате свесни за она што го јадете и количината на храната која ја козумирате, толку подобро за вашето здравје.

Кога станува збор за свесното јадење, и фенг шуи го поддржува овој концепт и советува уредно да ја поставите масата дури и ако јадете сами, да си ставите чинија, прибор, да седнете и полека да јадете.

Јадењето може да биде еден прекрасен ритуал кој ќе ви донесе задоволство, но и здравје. Убаво поставена маса, запалена свеќа, тивка музика и бавно уживање во вкусот на храната се неколкуте делчиња од мозаикот наречен свесно јадење.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2021 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус