Животен стил, од мој агол
Да се има или не (трето дете), прашање е сега
Американецот се качи на Марс, а ние уште размислуваме дали да се има трето дете.
Нема што да се размислува, нормално дека треба да имате трето дете.
И не само трето, и четврто дете треба да се има, особено ако сте невработени. Не останала попусто онаа народната: „Џабе работи, џабе не седи”. И онака не одите на работа, па зошто попусто да ви минува времето кога може да си одгледувате 3 - 4 дечиња.
Се прашувате како ќе се прехраните? За тоа барем не треба да берете гајле.
Нека му се мисли Американчето, тоа е научено на брза храна, а ние Македончињата сме познати по тоа дека сакаме нешто да си макнеме. Пиперта за среќа горе – долу многумина ја произведуваат, а и не е многу скапа, па ќе си макаме до мила волја и среќно ќе си живееме во големи семејства.
Значи, ако се двоумевте за трето дете, почнете да размислувате за четврто, бидејќи ги решивме сите дилеми.
Шегата настрана, секој човек е доволно свесен за значењето на семејството и без постојаните кампањи за трето дете. Убаво е да се има големо семејство, сè додека сте сигурни дека ќе имате доволно љубов, време и средства за сите деца подеднакво.
Крајно, тоа е и целта на семејството, децата да се одгледаат со љубов, да се извадат на прав пат и да им се овозможат услови за нормален живот, а не да се создаваат нови животи заради ниската стапка на наталитет во земјава.
Додади коментар