Животен стил, Живеј квалитетно

Како да ѝ помогнеш на планетата Земја

17 септември, 06:40

Покрај сите проблеми кои ги носи животот и тешкотиите со кои повеќето од нас се соочуваат, сигурно ви изгледа смешно да мислите и на планетата Земја, а не пак да направите нешто за да ја зачувате.

Сепак, Земјата е единствениот дом кој го имаме, а кој со годините сè повеќе се уништува и загадува.

Ако ние имаме можност да живееме на планетата Земја, и следните генерации ја заслужуваат истата можност.

Не треба да правите ништо особено и не е потребен никаков дополнителен труд. Сè што е потребно е вашата добра волја и подигнување на вашата свест за чување на нашата планета.

Природата секогаш ќе најде начин да се обнови, но додека тоа се случи, ние и идните генерации ќе ги чувствуваме последиците од нашето несовесно однесување и ќе бидеме сведоци на болестите предизвикани од загадувањето.

Како да ѝ помогнеш на планетата Земја

Селектирај го отпадот
Многу е лесно отпадот да го ставите во кантата за ѓубре, а следната станица да биде контејнерот пред вашата зграда. А што е со посебните контејнери за пластика, стакло и хартија кои се малку подалеку од вашиот дом? Тие не се таму случајно, затоа немојте да ги заборавите. Отпадот сместен во овие посебни контејнери ќе биде рециклиран, а природата заштитена од загадување. Сè што треба да направите се само неколку метри кои ќе ги изминете за да го ставите отпадот во соодветниот контејнер.

Штеди енергија
Енергијата е неопходна, но нејзиното производство  во голема мера ја загадува планетата. Не можеме без енергија, но можеме разумно да ја користиме. Старите сијалици заменете ги со штедливи, исклучувајте ги сите апарати кои не ви се потребни, не го оставајте светлото кога немате потреба од него. И на идните генерации ќе им биде потребна енергија, но и дом каде ќе можат да слободно да дишат!

Стоп за пластичните ќеси
Дали знаете дека годишно се употребуваат околу 500 милијарди пластични ќеси ширум светот, за кои ќе бидат потребни 1000 години за да се разградат? Супермаркетите ги наплатуваат со цел да се подигне свеста на граѓаните, но резултатот е спротивен. Маркетите заработуваат, а луѓето никако да разберат дека штетата која ја причинуваат со купувањето на пластична ќеса е огромна. Ако со себе секогаш носите платнена торба, или оставите една во вашиот автомобил, нема да имате потреба да купувате ќеса од супермаркет. Можеби на прв поглед не изгледа важно една ќеса плус, но додека така размислувате, природата сè повеќе се уништува. Бидете одговорни, кажете стоп за пластичните ќеси!

Штеди вода
За среќа во делови од нашата земја ја имаме во изобилство, па затоа не ѝ придаваме доволно значење. Водата е драгоцена и секој од нас мора да ја штеди течноста која значи живот. Само 2 минути пократко туширање од вообичаеното ќе заштеди големо количество на вода. Излежувањето во када полна со вода е вистински луксуз, земајќи го предвид фактот дека милиони луѓе во светот немаат ни вода за пиење. Кога еден ден ќе осетиме на сопствена кожа што значи да страдаме за вода, ќе биде премногу доцна да ја разбудиме нашата свест.

Електронско плаќање
Кога голем дел она населението ширум светот би избрало електронско плаќање на сметките, не би ги добивале сите оние хартиени сметки по пошта.
Зошто е тоа важно? Бидејќи годишно би се зачувале милиони дрвја кои се и повеќе од неопходни за живот на Земјата.

Секој од нас има одговорност за планетата Земја. Тргнете од себе, разбудете ја вашата свест, чувајте ја планетата.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 24609 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 април

28 април

Денеска се одбележува 50 годишнината од постоењето на Битолски весник.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус