Животен стил, од мој агол

Кој ги проколна административните работници?

24 октомври, 06:04

Врткајќи се по административните ходници низ мојот град добив инспирација за оваа статија. Да бидам искрена сретнав и видов работи кои веќе неколку ноќи не ми даваат мирно да заспијам.

Поделени и искарани меѓу себе секој си тера по своето, но важно никој не работи. Клиентите во објектот можеа да се избројат на една рака, а бројот на вработени на три. Немам намера било кого да навредам, но ова се жариштата на македонското безделничење.

Влегуваш во просторијата, а внатре мириса на старо дрво кое се распаѓа и на турско кафе. Секако, тоа покрај прозорецот покриено со стар весник и куп прашина насобрана околу него. На дрвените бироа стари и по 15 години може да се забележи компјутер, раскршен и валкан, а пред секој вработен монитор со катодна цевка. Слика од 80-те години на западот. За ужасот да биде поголем, пред секој компјутер седат неквалификувани лица кои жалосно но вистинито не знаат да ја стартуваат програмата, често ги грeшат буквите од тастатурата, а постарите маки мачат за да ги прочитаат. Затоа најдобро е да седат и да си одмараат.

Замислете колкав бес би ве фатил да сте дипломирно лице на факултетот за јавна администрација, со завршен курс за работа со компјутери и сертификат за познавање на странски јазик. Да, ќе ви рипне притисокот в глава затоа што за вас нема работа, ама за тие таму има.

За иронијата да стане поголема, кога влегов во просторијата поголемиот дел и не го забележаа моето присуство. Една госпоѓа си гледаше во некоја замислена точка, друга си го вртеше филџанот, трета си зборуваше сама со себе како други од колегите не ѝ ги сфаќаат проблемите, четвртата си го извади старото ќесе, го искина и го фрли, па си ја средуваше чантата и конечно една нервозна госпоѓа се обиде да ме услужи, но ете за среќа системот не работеше па ми презакажа за друг ден. Камо среќа да беше до системот, може ќе имав надеж дека ќе ги подготви документите за другиот ден, но сега...

Сè можам да разберам, ама не знам кој ги мрази толку луѓето во администрација што ги проколнал баш таму да работат? Се разболуваат од досада, гледајќи во една точка ќе го оштетат видот, а може и нервите да им попуштат, кафето им прави проблеми во желудникот, ама мора да го пијат, инаку што друго ќе прават, и секако, седат осум часа без никакво помрднување, а со тоа цела моторика на организмот им се нарушува.

На мене останува да се надевам дека конечно некој ќе ги избрка за да им ги скрати маките.


автор: Stojkoska Monika

Оваа вест е прочитана 2278 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

26 април

26 април

Во 1992 година денарот стана официјална валута на Република Македонија.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус