Занимливост, Интересно

Најубавите љубовни писма на познатите

14 март, 00:12

Дали некогаш сте напишале или можеби сте добиле љубовно писмо?

Денешното модерно време има многу предности, но развојот на технологијата придонесе и за губење на некои едноставни, а толку важни нешта.

Љубовта може да се искаже на милион начини, а можеби еден од најслатките е преку нежно, искрено и емотивно љубовно писмо.

За сите романтични души издвоивме дел од најубавите љубовни писма кои познатите ги напишале до своите сакани.

Писмата на Елизабет Тејлор

Холивудската легенда осум пати стапи во брак, од кои два пати со Ричард Бартон. Нејзините 66 љубовни писма беа упатени до нејзината прва љубов, нејзиниот свршеник Вилијам Даглас, со кој никогаш не се омажи. Врската ја започнаа кога Елизабет имаше 17, а Вилијам 28 години, но и покрај големата љубов, Елизабет се одлучи да ги следи своите соништа за актерска кариера.

„Посакувам нашите срца да си припаѓаат заедно сè до вечноста. Ја добив твојата порака дека си пратил прстен и белегзија. Прстенот е на мојата рака и прекрасно свети на сончевата светлина. Моето срце е вградено во него, токму во неговиот центар”.

Писмата на Мерилин Монро

Иако во брак беа само 9 месеци, Мерилин никогаш не го заборави својот прв сопруг, Џо Ди Маџио. Писмото кое му го прати додека беа во брак беше пронајдено години подоцна во паричникот на Џо.

„Драги Џо, знам дека погрешив! Се однесував како што се однесував и реков некои нешта бидејќи бев повредена, не бидејќи ги мислев. Глупаво е што се чувствував повредена бидејќи не постоеше вистинска причина за тоа, всушност не постоеше никаква причина. Те молам прифати го моето извинување, и немој, немој, немој да ѝ се лутиш на твојата малечка – таа те сака. Со љубов, твојата сопруга (за цел живот) Г-ѓа Ди Маџио”.

Писмата на Роналд Реган

И мажите знаат да напишат прекрасни љубовни писма. Реган напишал многу писма наменети за неговата сопруга Ненси, а едно од нив ѝ го пратил за 20 годишнината од нивниот брак.

„Не сакам да бидам без тебе во наредните 20 години, или 40, или колку и да ми остануваат од животот. Се навикнав да бидам среќен и те сакам многу, најискрено”.

Писмото на Џони Кеш
Иако бурна, љубовта меѓу Џони Кеш и Џун Картер беше и повеќе од силна. Заедно беа 35 години, сè до смртта на Џун. Кратко по нејзината смрт, познатиот музичар напиша: „Ја сакам Џун Картер, да, ја сакам. И таа ме сака мене. Но сега таа е ангел, а јас не сум”.
Џони Кеш почина четири месеци по смртта на неговата сакана Џун.

Писмата на Наполеон Бонапарта

Напоелон е можеби еден од најромантичните војсководци, судејќи според писмата кои ги праќал до неговата сакана Жозефина.

„Откако си заминав, постојано сум депресивен. Мојата среќа е да сум блиску до Вас. Живеам со сеќавањата на Вашите милувања, Вашите солзи...Шармот на незаменливата Жозефина постојано гори во мене и создава блескав пламен во моето срце. Кога ќе бидам слободен од сите грижи, дали ќе бидам во можност да бидам само со Вас, да го поминам времето сакајќи Ве, и да размислувам само за среќата и докажувањето на мојата љубов кон Вас?”

Писмата на војникот Брајан

На само еден час од Лондон е малото гратче Алдершот. Токму таму беа пронајдени 300 љубовни писма кои еден војник ги праќал до својата сопруга, за време на Втората Светска Војна. Извадокот е дел од првото писмо на Брајан.

„Моја најдрага, кога ќе го читаш ова јас ќе бидам далеку. Ова кратко време од нашите животи беше најдоброто нешто што ми се случило до сега. Не можам да верувам дека Боговите би биле толку цинични за да ни дозволат да бидеме толку среќни, ако не мислат дека можеме да имаме заедничка иднина. Затоа, продолжи да ме сакаш, како што јас те сакам тебе, и верувај во нас, како што отсекогаш верувавме. Твојот Брајан”.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 3807 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 април

28 април

Денеска се одбележува 50 годишнината од постоењето на Битолски весник.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус