Малку поинаква свадба

19 февруари, 10:33

За сите оние кои наскоро ќе стапат во брак, подготвивме неколку интересни идеи за малку поинаква свадба.

Покрај вообичаената забава во ресторан, венчавката и регистрацијата, може да додадете неколку интересни активности, а во дел од нив може да ги вклучите и вашите гости.

Нашите предлози ќе ви помогнат да создадете спомени за цел живот.

Дали сте подготвени за малку поинаква свадба?

Љубовни писма
Подарете си љубовни писма непосредно пред свадбата. Напишете ги неколку дена претходно, бидејќи на вашиот голем ден нема да имате време, а пратете ги токму на денот на свадбата, додека секој од вас е дома и се подготвува за веселбата. Замолете некој од вашите блиски да го однесе писмото кај вашиот сакан/сакана.
По завршувањето на свадбата, кога опуштено ќе ги разгледувате фотографиите, подароците и честитките, направете си свој свадбен албум од папка. Направете мали отвори на писмата и вметнете ги во албумот. Ќе ги зачувате за цел живот и ќе уживате секогаш кога ќе ги читате.

Свадбени честитки
Честопати гостите подаруваат честитка на која напишале некоја убава порака за младоженците. Зачувајте ги, направете им мали отвори и додадете ги во вашата папка – албум, заедно со љубовните писма. Во албумот додадете ја и поканата која сте им ја пратиле на вашите гости. Секогаш кога ќе посегнете по вашиот албум, ќе се израдувате читајќи ги пораките од најблиските.

Мудри зборови
Оваа активност ги вклучува и вашите гости и сигурни сме дека од срце ќе се вклучат во креирањето на вашата колекција од мудри зборови.
На секоја маса во ресторанот ставете тегла, стаклен или друг сад кој може да послужи за оваа интересна активност. Оставете мали парчиња хартија и замолете ги гостите да напишат некоја мудра мисла, брачен совет, неколку зборови поврзани со љубовта, разбирањето, брачниот живот и да ги стават во садот.
По свадбата, уживајте во читањето на мудрите зборови, залепете ги на хартија и додадете ги во папката – албум.

Нашата приказна
Раскажете ја вашата приказна, потсетете се на денот кога сте се запознале, на некои интересни моменти од вашата врска и сето тоа ставете го на хартија. Направете копии од вашата приказна и оставете по една копија на секоја маса во ресторанот.
Додека чекаат да започне веселбата, гостите ќе уживаат во вашата приказна, а можеби и ќе се најдат себеси во дел од неа.
Не заборавајте примерок од приказната да си ставите во папката – албум.

Свадбата поминува за миг, сеќавањата на веселбата и церемониите бледнеат, но со секое отворање на албумот, спомените одново и одново навираат.

Уживајте на вашата свадба и создадете спомени вредни за паметење.


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 7192 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

27 април

27 април

Во 1986 година, во Скопје е родена Елена Ристеска, еден од најдобрите женски вокали во Македонија, пејачка која успешно работи во земјава и надвор од неа.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус