Супер вежби за убави нозе

10 мај, 02:35

Сѐ уште е рано за календарскиот почеток на летото, но никогаш не е рано за да се почне со физички вежби кои ќе го подобрат изгледот на вашето тело, а со тоа спремни и во топ форма да го дочекате летото.

Физичките вежби треба да бидат неизоставен дел од секојдневниот живот на секој, а особено треба да се практикуваат доколку сакаме да подобриме некој наш дел од телото, да го зацврстиме, да ги намалиме масните наслаги и целулитот.

Ако сакате оваа година спремни да ги дочекате летните денови и ако сакате вашето тело да биде добро оформено и зацврстено, треба веднаш да почнете да вежбате. 
Почнувањето со вежбање на 10 дена пред почетокот на летната сезона нема ништо да ви донесе освен напнатост и нервоза која ќе биде поврзана со ненавременото започнување со вежбање. Затоа, за да не се најдете во таква ситуација започнете со практикување на физички вежби веднаш, уште денес, уште овој час.

Негуваните нозе многу зборуваат за вас, за вашето време кое го посветувате на целокупниот физички изглед, а токму тој дел од телото ќе биде најекспониран во текот на летото носејќи кратки здолништа, фустанчиња, шорцеви и бермуди.
Доколку ова лето сакате да имате нозе кои ќе бидат силно затегнати, зацврстени и правилно обликувани и кои со гордост ќе ги покажувате насекаде, практикувајте ги овие едноставни за изведба вежби за нозе и уживајте во резултатите кои ќе ги забележите за неколку недели.

Вежба број 1 – Чучњеви

Со грбот потпрете се на ѕид, нозете ставете ги да бидат колку што може повеќе оддалечени од ѕидот и пополека чучнете (клекнете). Задржете се во оваа положба колку што е пријатно, без да се форсирате. 
На почеток направете само неколку пати од вежбата, но секој нареден ден откако ќе стекнете стабилност, зголемувајте го бројот за 3, 4 или 5 пати. 
Рацете е добро цело време да ви бидат покрај телото, но подоцна можете да ги држите во висина на рамената, а  понатаму, откако малку ќе се зајакнат мускулите и откако ќе постигнете стабилна изведба на вежбата, можете во нив да држите тегови или шишиња со вода кои дополнително ќе влијаат на ефикасноста на вежбата.   

Вежба број 2 – Замислено седење

Застанете исправени пред стол и пополека, со подигнати и испружени раце во висина на рамената почнете да се спуштате накај столот, како да сакате да седнете на него.
Целта на вежбата е да не се допри седиштето на столот. Откако ќе останете во положбата колку што е пријатно, исправете се и спуштете ги рацете покрај телото.
Вежбата повторете ја онолку пати колку што ќе ви биде пријатно на почеток, а потоа, со вежбање во секој нареден ден зголемувајте го бројот на изведби.
Откако ќе се зацврстат мускулите на нозете можете да додадете тежина во рацете, тегови или шишиња со вода, која дополнително ќе помогне и во зацврстување на мускулите на рацете.

Вежба број 3 – Истегнување

Спуштете се во полу чучната положба, дланките од двете раце ставете ги една врз друга на левото колено, десната нога полека и бавно испружете ја во страна и целата тежина од телото префрлете ја на левата нога. 
Испружената нога може да биде испружена и нанапред и наназад и во страна, не е толку важно тоа колку што е важно тежината да биде на другата нога. 
Постапката повторете ја и со другата нога. 
Внимавајте со двете нозе да направите по ист број на изведби од вежбата за да не ве боли едната нога повеќе од другата по изведувањето на вежбата.
На почеток повторете ја вежбата онолку пати колку што можете да поднесете, а со секое наредно вежбање зголемувајте го бројот на изведби.

 


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 3733 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

30 април

30 април

Во 1954 година, во Нов Зеланд е родена Џејн Кампион – холивудска режисерка која има режирано преку 15 филмови, а на некои од нив се јавила и како продуцент.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус