Занимливост, Интересно

Која беше Евита Перон – принцезата на сиромашните

02 ноември, 12:13

Секоја земја има своја голема легенда, историска личност со која се гордее и која никогаш нема да се заборави. За Аргентина тоа е Евита Перон, девојката која прерасна во мит, неканонизираната светица и принцеза на сиромашните.

Нејзината приказна нè враќа во 40 –те години од минатиот век во Аргентина, кога младата Евита Дуарте се запознала со Хуан Перон, тогашен полковник и владин претставник.

Кога Перон станал претседател на Аргентина, Евита, како прва дама, ја започнала својата мисија која ќе ја направи најсаканата, но во исто време и најомразената жена во Аргентина.

Во што беше големината на Евита Перон?

Уште од мала Евита се запознала со тешката страна на животот, а голема сиромаштија ја принудила на 15 години да го напушти родното огниште и да се обиде во актерските води.

Бракот со Хуан Перон бил голема пресвртница во нејзиниот живот, можност сиромашната девојка да добие моќ која ќе ја искористи за помош на сиромашните.
„Јас сум една од вас. Јас знам што значи да си гладен...” Нејзините јавни говори го кренале народот на нозе. Евита се борела за правата на жените, за подобар живот на сиромашните, за правда и еднаквост. Иако не била политичар, станала помоќна од власта и претседателот, од кого добила целосна слобода да се бори за она во што верува.

Токму нејзината моќ била причина да стане трн во окото на противниците на Перон, кои се плашеле од можноста еден ден Евита да стане претседател на Аргентина.

За жал, болеста многу рано ставила крај на нејзиниот живот. 13 дена нејзиното тело било изложено за народот да се прости од неа, и сите тие 13 дена дождот не престанал да врне, а толпата која доаѓала да ѝ оддаде последна почит не се намалувала. Нејзините следбеници собрале 100 000 барања кои ги пратиле до Ватикан, со цел да биде прогласена за светица, но тоа никогаш не се случило.

По нејзината прерана смрт и промената на власта, нејзините непријатели го преместиле нејзиното мртво тело на тајно место и се обиделе да уништат сè што потсетувало на постоењето на Евита.

Дури и по преместувањето на нејзиното тело, долги години власта наоѓала црвени рози кои следбениците на Евита ги оставале во спомен на неа.
Новиот режим не успеал да го избрише споменот на принцезата на сиромашните. Речиси 22 години по нејзината смрт, нејзиното тело повторно беше вратено во родната Аргентина и погребано меѓу најголемите научници, поети, генерали и други влијателни личности од Аргентина.

Митот за светицата која се издигна од дното и стекна моќ за да му помогне на својот народ, живее и денес.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2172 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

16 Мај

16 Мај

Во 1966 година во Гери, Индијана, е родена светски познатата пејачка, текстописец и актерка Џенет Џексон.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус