Пеперутки, јагниња, зајачиња... Зошто токму тие се велигденски симболи?
Велигден – еден од најголемите христијански празници кој се празнува ширум светот, со себе носи обичаи кои постојат од дамнина, како и легенди, митови и симболи кои потекнуваат од христијанството, но и од паганските верувања.
Зошто токму пеперутката, јагнето и цвеќето симболично се поврзуваат со овој голем празник?
Пеперутката има неколку фази на развој, и токму преку неа симболично се претставени и фазите од животот на Исус, но и на христијаните.
Првата фаза, гасеницата, го претставува земниот живот, човечката преокупираност со обичните, секојдневни нешта, желбата да се задоволат физичките потреби. Гасеницата исто така го претставува и периодот од животот кој Исус го поминал на Земјата.
Следната фаза во која гасеницата се обвиткува во кожурец и не покажува знаци на живот го претставува распнувањето, гробот на Исус Христос, како и смртта која е дел од животот на секој човек.
Последната фаза, пеперутката, е симбол на новото раѓање, воскресението, новиот живот во кој нема место за материјалното, живот каде царува духовноста кон која треба да се стреми секој верник.
Јагнето е уште еден симбол на Велигден и преку него е претставен Исус, јагнето Господово кое мирно се соочува со распнувањето. Јагнињата се симбол и на христијаните кои на Исус гледаат како на свој добар овчар кој се грижи за нив и ги води напред.
Нарцисот, кринот и лалето се цвеќињата кои симболично се поврзуваат со Велигден. Според една легенда, нарцисот прв пат изникнал во Гетсиманската градина ноќта на Тајната вечера, за да го утеши Исус во моментите на тага. Лалето, како цвеќе кое расте во пролет, го претставува животот, будењето после студенилото на зимата, радоста која царува во срцето на секој христијанин на овој голем празник.
Додади коментар