Во што сè веруваат луѓето?

06 ноември, 02:03

Суеверието е верување дека одредени нешта и настани може да предизвикаат несреќа, иако за таквото верување не постојат никакви рационални објаснувања, нити пак е поткрепено со докази.

Се сретнува во повеќето религии и низ целиот свет постојат суеверни луѓе кои повеќе или помалку веруваат во несреќата која доаѓа од одредени случувања.

 

Од каде доаѓа суеверието, кои се неговите корени и во што сè веруваат луѓето?

Црна мачка
Дали помислувате на нешто лошо кога ќе наидете на црна мачка? Верувањето дека црната мачка носи несреќа постои од дамнина, а не е реткост да забележите луѓе кои фрлаат камче пред себе доколку црна мачка им го пресече патот.
За разлика од ова верување (кое го има и на нашите простори), во Јапонија, Британија и Ирска постои сосема спротивно верување. Во овие земји црната мачка се смета за добра среќа.
Ако нив црната мачка им носи среќа, зошто не би ни носела и нас? Следниот пат кога црна мачка ќе ви го пресече патот, насмевнете се и помислете дека тоа е добар знак. Добрата мисла сигурно многу повеќе помага од фрленото камче.
 

Скршено огледало
Ако ви се скрши огледало, седум години ќе ве прати несреќа. Ова суеверие е поврзано со верувањето дека огледалото чува дел од нашата душа, па доколку се скрши, се кршат и делови од нашата душа. Кај христијаните постои обичај кога некој ќе почине, сите огледала во домот да се покријат, за душата слободно да си замине без да биде заробена во огледалото.
Доколку ви се скрши огледало, не грижете се. Посакајте сè што е лошо да замине со искршените парченца и во никој случај не чекајте несреќа во наредните седум години. Запомнете, несреќата сами си ја повикуваме ако постојано размислуваме негативно.
 

Синџир на среќата
Колку пати сте добиле електронска пошта во која се бара да ја препратите содржината на одреден број луѓе и да не го прекинувате синџирот на среќата? Доколку го прекинете ќе ве снајди несреќа, а ако пак го препратите писмото, за ден – два ќе ви се случи нешто убаво. Зошто постои ова суеверие навистина никому не му познато. Ваквите синџири на среќата датираат некаде од 1888 година, а единственото логично објаснување е нечија желба да се провери колку далеку може да се прошири ваквиот синџир.
 

Баксузниот број 13
Петок 13, тринаесетката како несреќен број, страв од еден обичен број..., уште едно во редот на празни суеверија, ако не и најголемото од сите. 13 се смета за баксузен број низ целиот свет, а многу хотели, болници и други институции воопшто немаат соби со број 13, токму поради суеверието.
Се смета дека ова суеверие има корени во христијанството (на последната вечера Јуда седел на 13-то место, токму пред да го предаде Исус), како и во астрологијата (12 знаци, а 13 останува празен и го претставува хаосот). Дали може еден број да биде баксузен? Веројатноста е голема колку и онаа дека ако ти речат „со среќа” пред испит, ќе паднеш, а ако ти речат „скрши нога”, ќе положиш.

Дали ќе верувате во знаци кои значат несреќа, или едноставно ќе ги игнорирате, останува на вас.

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 2565 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

2 Мај

2 Мај

Во 1975 година во Лондон е роден познатиот фудбалски професионалец Дејвид Бекам.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус