Легендарното бегство од Алкатраз

12 март, 07:36

Затворот - тврдина, познат и како „Карпата”  беше еден од најчуваните затвори во Америка и долго време се сметаше дека е невозможно да се избега од Алкатраз.

А потоа, на 11 јуни, 1962, тројца затвореници избегаа и Алкатрез никогаш повеќе не беше ист.

Френк Морис и браќата Џон и Кларенс Енџлин долго време го планирале бегството, а според полицијата, имале помош и од други затвореници.

Морис бил мозокот на операцијата, внимателно ја испланирал секоја етапа од бегството, а имал и голема помош од Ален Вест, затвореник кој открил дека низ цевките за вентилација може да се стигне до покривот на затворот.

Браќата Енџлин имале искуство со сплавови и биле одлични пливачи, па нивна задача била да испланираат изработка на сплав.

Секоја вечер, додека другите затвореници уживале во својот т.н. „музички час”  и свиреле на инструменти, Морис и неговите соучесници копале тајни отвори во ќелиите.

Во отворите, во мантили за дожд ставале храна, а ги криеле и деловите за гумениот сплав кој требало да го монтираат по бегството.

Еден од нивните другари -затвореници им направил кукли од бетон во прав, сапун и коса која им ја дал затвореник кој работел во берберницата во затворот.

На 11 јуни, бегалците ги напуштиле ќелиите оставајќи ги куклите во креветите.

Поминале низ цевките, излегле на покривот, па се спуштиле долу.

Им останал најголемиот предизвик – да го надуваат гумениот сплав.

Френк Морис бил подготвен и за тоа. Тој ја украл малата хармоника на која свиреле на музичкиот час, извадил некои делови од неа и успеал да ја користи како еден вид пумпа за воздух.

Бегалците запловиле во студеното море и никогаш повеќе никој не ги видел.

Долгата и  напорна потера не дала никакви резултати. Во водата биле пронајдени остатоци од сплавот, но телата на затворениците никогаш не се пронајдени.

Детективите од ФБИ долго време го истражувале бегството и според некои од нив затворениците се удавиле, бидејќи водата околу затворот е премногу студена и никој не може да преживее. Други пак сметаат дека барем еден од затворениците успеал да се спаси.

Неколку недели по бегството, еден затвореник од Алкатраз тврдел дека добил разгледница со текст кој претходно бил договорен како порака дека се спасиле. На разгледницата пишувало „Заминавме на рибарење”!

Што се случило со затворениците можеби засекогаш ќе остане мистерија. ФБИ долги години го испитувал случајот, но не биле пронајдени никакви докази кои јасно ќе потврдат дали тројцата затвореници преживеале.

Во секој случај, нивното бегство било мајсторски испланирано и не случајно е инспирација за легендарниот филм „Бегство од Алкатраз”, во кој е прикажано бегството на Морис и браќата Енџлин.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 3025 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

29 април

29 април
Во 1958 година е родена прекрасната Мишел Фајфер, холивудска актерка која се прослави со улогите во филмовите „Лице со лузна” (каде глумеше покрај Ал Пачино), „Враќањето на Бетмен&rd
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус