Мармалад од црни сливи

03 септември, 14:28

Септември е месецот кога почнува да се подготвува зимницата.
За ајварот и лутенката можеби сѐ уште е рано, но за подготовка на мармалад, слатко или џем е вистинското време.
Дел од овошките веќе ги нема, но оние од кои се подготвува највкусниот мармалад сѐ уште се тука.
Црните сливи се овошките кои се актуелни во овој период од годината, од кои покрај слатко или компот се подготвува и според мене најслаткиот и највкусен мармалад.
Замислете само колку вкусно би било кога во студените зимски денови ќе премачкате топло лепче со мармалад од модри сливи, или пак кога благ колач исто така би го премачкале со ваков мармалад, а да не зборуваме за топол компот од црни сливи.
И на било кој начин да се подготват црните сливи, нивниот вкус секогаш е неверојатно неодолив и посебен.

Мармаладот од црни сливи се подготвува релативно брзо.
Денес некои луѓе го подготвуваат во домашни услови со печење на црните сливи во рерна, но јас сепак би се задржала на оној старински начин на подготовка, кога сливите се варат во големо тенџере на оган.
Изборот за начинот на подготовка зависи од количината која се подготвува, како и од условите со кои располагаме, но верувам дека кој начин и да се одбери резултатот ќе биде ист - бескрајно вкусен, сочен и неодолив мармалад од црни сливи.
   
Потребни состојки:
6 кг. црни сливи
1,5 кг. шеќер
1 - 2 кесички ванилин шеќер
30 - 40 мл. рум (по вкус)
2 до 3 црни чоколади за готвење (по вкус)
3 - 4 лажици сок од цеден лимон (по вкус)
1 - 2 лажици цимет (по вкус)

Подготовка:
Сливите убаво се мијат, се пресекуваат на половина и им се отстрануваат коските. Потоа се мелат во машина за мелење месо и добиената кашеста смеса се става во тенџере на оган. Во смесата се додаваат шеќерот и ванилиниот шеќер, а останатите состојки со кои би се збогатил и подобрил вкусот на мармаладот се ставаат на крајот пред да се тргне од оган.
Јас го додавам само румот, но вие слободно можете да додадете тоа што сакате бидејќи нема правила кои мора да се почитуваат, сѐ е по вкус и желба.   
Откако мармаладот ќе се свари (се познава по добиената густина) се бери во топли тегли кои убаво се затвораат.
Од добиената смеса се добиваат 6 големи тегли од по 1 кг. мармалад, или 12 до 13 мали теглиња од по ½ кг.
Во зависност од потребите може да ја зголемите или намалите дозата на состојките.

Пријатен и сладок апетит!


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 18966 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

1 Мај

1 Мај
Во Чикаго, САД, избувна штрајк на околу 40.000 работници кои истапија со барањето за осумчасовен работен ден.
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус