Поучни приказни

Љубов каква што секој би посакал да доживее

15 март, 00:02

Дејството на приказната се случува во лекарска ординација во чија чекална пациентите стрпливо си го чекале нивниот ред. 
Некаде во 08:30 часот еден стар господин, кој имал околу 80 години влегол во чекалната и застанал во ред. Имал рана на прстот од која течело крв и извинувајќи им се на сите кои биле пред него, љубезно ги замолил дали ќе може да влезе прво тој кај лекарот, бидејќи како што им објаснил, имал закажан состанок во 09:00 часот, па поради тоа и се брзал, а не поради раната од која не престанувало да тече крв. 
Лекар од друга ординација излегол за да види колкав е бројот на пациентите и кога го здогледал стариот господин со крвава рана, решил тој да го прегледа, бидејќи знаел дека другиот лекар имал многу повеќе работа од него.
За цело време додека траел прегледот стариот господин погледнувал на часовникот. 
Откако лекарот му ја исчистил и преврзал раната го прашал господинот каде толку многу се брза. Самиот тој бил многу зачуден поради брзањето на старецот, бидејќи во неговата долгогодишна работа гледал стари луѓе кои секојдневно доаѓале на преглед и стрпливо си чекале и по неколку часови само за да си го пополнат нивното слободно време, што не било случај и со овој господин. Откако го прашал, стариот господин му кажал дека се брза за на состанок во старскиот дом, бидејќи бил договорен точно во 09:00 часот да појадува со неговата сопруга.
Докторот го прашал какво е здравјето на сопругата и тој му кажал дека таа веќе подолго време е во старски дом бидејќи боледува од Алцхајмерова болест. Низ разговор го прашал дали неговата сопруга ќе се налути ако тој задоцни на состанокот, а стариот господин му одговорил дека таа веќе 5 години не знае кој е всушност тој и дека не го препознава. Лекарот бил изненаден од тоа што го слушнал и се зачудил на истрајноста која тој стар господин ја имал во себе, воодушевувајќи му се како може цели 5 години да ја посетува неговата болна сопруга која веќе не го познавала. 
Стариот господин се насмевнал, го погалил лекарот по рамото и му рекол:

„Таа мене не ме познава повеќе, ама јас сѐ уште ја познавам неа”.

Кога лекарот ги слушнал тие зборови, морници му поминале по телото и одвај ги задржал солзите да не се стркалаат по неговото лице. 
Откако стариот господин ја напуштил ординацијата и со брзање заминал на договорениот појадок со неговата сопруга, лекарот си рекол сам на себе си:

„Ова е вистинска љубов. Ваква љубов секој би посакал да доживее”.


Вистинската љубов не е физичката љубов ниту романтичната љубов. Вистинската љубов се гледа во прифаќањето на сѐ што било, сѐ што е сега во моментот, сѐ што допрва ќе следи и сѐ што нема да се случи.

Најдобрите луѓе не мора да имаат сѐ најубаво и најдобро. Тие ќе направат најубаво и најдобро и сѐ што веќе имаат крај себе.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2395 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

26 април

26 април

Во 1992 година денарот стана официјална валута на Република Македонија.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус