Лековитата вода во Манастирот Свети Пантелејмон

06 август, 00:04

Само на 12 км. северозападно од Кочани, на падините на Осоговските Планини се наоѓа Пантелеј, мало село кое претставува еден вид воздушна бања, поради чистиот планински воздух, а и многуте природни извори со кои се одликува овој дел од Македонија.

Во близина на селото е сместен прекрасниот манастир Свети Пантелејмон, посветен на светецот чиј ден се празнува на 9 август.


Мештаните веруваат дека водата која извира во манастирот е света и лековита. Легендата за светата вода се пренесувала со генерации, а се памети и денес. Легендата раскажува за слепата девојка Нејтана која сонила место каде треба да копа за да најде лековита вода. Девојката долго копала, си ги раскрвавила рацете, се изнемоштила и на крај паднала тешко болна. На смртната постела им ја открила причината на селаните и им оставила аманет да го пронајдат изворот со лековита вода. По нејзината смрт селаните навистина пронашле вода која и денес се наоѓа во манастирот, веднаш до олтарот.

Под манастирот пак, има уште еден извор за кој се верува дека е единствен од таков вид во Македонија. Изворот е наречен Црна вода, истекува од длабнатина на еден црн бор и се верува дека лекува болести поврзани со коските, мускулите и зглобовите. Од оваа вода се црпи со мало лажиче и се пие.

Манастирот Свети Пантелејмон е место каде на 9 август илјадници верници доаѓаат да се помолат и да се напијат од светата вода, со верба и надеж за здравје.

Свети Пантелејмон, lekovita voda, sveta voda, sveti pantelejmon, света вода


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 8620 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус