Моите рецепти - Здравје на мени

Пита со интегрално ‘ржано брашно и фил од спанаќ

28 јануари, 00:19

Човекот уште од своето раѓање е некако насочен кон тоа да ги задоволува оние сетила кои му причинуваат задоволство. Кога се раѓа и додека расте и се развива секако дека интелектуално не е созреан да размислува за тоа што е добро, а што не за неговото здравје, па да може да избере од она што нему визуелно му се допаѓа, а во исто време му задоволува и некои негови вкусови. Но не секогаш тоа што е добро за око и за одреден вкус е добро и за одржување на организмот во оптимално добра состојба.

Кога сме мали, во години на растење, улогата на одредувањето на правецот кон правилна исхрана секако го имаат родителите или оние што се грижат за нас одредувајќи го на тој начин и нашето сетило за вкус и нашиот понатамошен однос кон храната и нашиот начин на исхрана. Но со созревањето почнуваме да сваќаме дека не е секогаш најважно да се задоволи окото и сетилото за вкус во устата затоа што тоа трае неколку секунди, а потоа се оди во служба на одржувањето на доброто здравје. Ова не е нешто ново, но често пати знаеме да го заборавиме или намерно да го запоставиме па добро е да се потсетуваме одвреме навреме, а тоа всушност ни го наложува и сѐ поголемата раширеност на болести кои се последица од несоодветната исхрана и не многу добриот и здрав начин на живеење.

Употребата на преработени намирници од кои се отстранети сите вредни нутритиви, витамини и други елементи кои се фигуративно кажано гориво за нашиот организам неминовно доведува до несакани последици. Заради сето тоа ајде да се свртиме кон здравјето, кон она што значи здрава храна. Во таква храна во прв ред спаѓаат интегралните житарки. Интегрални, а тоа значи дека тие во себе ги содржат толку потребните влакна, витамини, особено витаминот Б-комплекс, минерали, фитонутриенти-бета каротини (провитамин на витаминот А), јаглени хидрати, масти и белковини. Лушпата, она што ним не им е отстрането, е всушност тоа што е највредно и што ги овозможува сите тие здрави нешта.

За таа цел и во таа насока е и мојот рецепт за Пита од интегрално ‘ржано бражно. ’Ржта е една од највредните житарки слична на пченицата.Таа исто така содржи глутен, но во помала количина, квалитетни јаглени хидрати, белковини, маснотии, влакна, фосфор, калциум и железо. Сите овие вредности ја прават препорачлива за:

  • слабокрвните;
  • рековалесценти и воопшто за оние чиј имунитет е слаб;
  • го подобрува женското здравје особено во менопаузата затоа што содржи фитоестроген -лигнин кој допринесува за надополнување на естрогенот и со тоа да се одбегнат непријатните топлотни бранови, а ако има вишок на естрогени тогаш тие се врзуваат за рецепторите на естрогенот и го блокираат многу посилниот хуман естроген и со тоа предизвикуваат намалување на естрогенската активност и дава заштита од појава на ракот на дојката;
  • го одржува во нормала нивото на шеќерот во крвта;
  • го подобрува здравјето на срцето со тоа што го регулира и намалува холестеролот - растворливите влакна се врзуваат со жолчната киселина и ја отстрануваат од телото.Тогаш црниот дроб треба да произведе нова за што ќе му треба холестерол, а на тој начин се намалува циркулирачкиот холестерол;
  • ја одржува телесната тежина, особено корисна за оние кои се обидуваат да ги намалат маснотиите, влакната од ‘ржта се врзуваат со водата и даваат чувство на ситост;
  • го подобрува дигестивното варење и со тоа го превенира карциномот на дебелото црево;
  • добар е за коските со своите магнезиум и фосфор;
  • за добар сон со триптофанот;  
  • се бори со слободните радикали со своите манган и селен.

 

Р Е Ц Е П Т

Потребен материјал:

  • 300 гр.’ржано интегрално брашно
  • 200 гр. пченично интегрално брашно
  • 20 гр. свеж квасец
  • 50 мл. маслиново масло
  • 1/2 кафена лажичка сол
  • 1 кафена лажичка жолт шеќер
  • млака вода за замесување меко тесто

 

Фил:

  • 500 гр. спанаќ
  • 2јајца
  • 100 гр. сирење
  • 100-150 мл. кисело млеко
  • маслиново масло за попрскување

 

Приготвување на тестото:

Најпрво го замесувате тестото: во подлабок сад го ставате брашното, шеќерот солта, маслото и квасецот кој само сте го раствориле во млаката вода.

Потоа почнувате да мешате и да додавате вода сѐ додека не направите меко тесто и потоа го оставате да отстои 20 мин. за да нарасне.

Приготвување на филот:

Исчистениот спанаќ се дроби и се гмечи со раце но не многу туку онолку колку е потребно листовите само да не бидат сосема крути. Потоа се додава малку масло, дробеното сирење, 2-те јајца и киселото млеко. Сѐ добро се спојува и се остава.

Соединување на тестото и филот:

Откако тестото ќе почне да нараснува се дели на два дела и од секој дел се прави по една кора. Плехот се премачкува со масло и потоа се става едната кора која исто така се попрскува со масло и се става филот со спанаќ. Од горе се става другата кора која е во набор, се попрскува со маслото, се виткаат краевите како витките  кај зелникот, се попрскува добро со масло и се остава да отстои онолку време (околу 15-20мин) колку е потребно да се загрее рерната на 220 степени. Кога малку ќе нарасне и кога е постигната температурата во рерната, се става да се пече. Се пече околу 30мин. сѐ додека не добие убава кафеава боја.

Откако ќе се испече се попрскува со малку топла вода и се покрива со тенка крпа.

Pita so integralno `rzano brasno i fil od spanak

Pita so integralno `rzano brasno i fil od spanak

 


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 10173 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

18 Мај

18 Мај
Во 1872 година во селото Влахи, Мелничко, во Пиринска Македонија, денешна Бугарија, е роден Јане Сандански, еден од најистакнатите македонски револуционери, познат и почитуван војвода и одличен раково
© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус