Интересно

Светот низ очите на Абориџините

05 ноември, 00:32

Замислете приказна која се раскажува само за 5 минути, а во себе содржи многу пораки.

Замислете приказна која се пренесува од колено на колено, повеќе од 50 000 години, и сè уште не се изгубила низ годините, ниту се намалило нејзиното значење.

Замислете таква приказна и веќе сте во светот на културата на Абориџините, една од најстарите култури во светот.

Овој мистичен народ никогаш немал пишан јазик, па својата култура и историја ја зачувал преку приказните кои и денес се раскажуваат со многу внимание и љубов.

Секоја култура има свои легенди за настанувањето на светот кое Абориџините го нарекуваат Dreaming (Сонување).

Сакајќи да ги пренесат легендите на секоја нова генерација, Абориџините развиле традиција на раскажување приказни преку кои своите деца ги запознавале со воздухот, земјата, универзумот, но и со својата култура и традиција.

Според верувањето на Абориџините, светот настанал од неколку големи духови кои ги создале природата и живите суштества и воспоставиле начин на живот кој треба да го следат нивните наследници.

За Абориџините овие духови сè уште постојат и секогаш ќе бидат дел од земјата и природата.

Приказната за настанувањето на Сонцето е само една од многуте поучни легенди на овие едноставни, духовни луѓе.

Легендата раскажува дека многу одамна една млада девојка го напуштила своето племе бидејќи не ѝ дозволувале да се омажи за момчето кое го сакала. Долго бегала низ суви, камени предели, била гладна и уморна, но знаела дека ја следат, па не се откажувала.
Духовите на нејзините предци се сожалиле на неа, па ја зеле кај себе во небесниот свет каде долго време спиела.
Кога се разбудила, околу неа имало многу храна и вода, а покрај неа горел оган. Погледнала надолу кон нејзиното племе, ги видела тажните лица на своите пријатели и посакала да е повторно со нив. Но, сега му припаѓала на небесниот свет и не можела да се врати назад, па посакала да направи нешто добро за своето племе. Гледајќи како се тресат од студ, девојката го засилила огнот и секој ден палела голем оган, за малку да ги стопли своите соплеменици. Секое утро луѓето погледнувале во големата огнена топка на небото која ја нарекле Сонце, и се заблагодарувале за топлината која ја добивале.

Ако го погледнете светот низ очите на Абориџините, ќе бидете сведоци на свет кој се стреми кон моралност, духовност и едноставност.

Иако навидум скромен, нивниот свет е многу богат, барем за оние кои знаат да ги ценат вистинските вредности во животот.


 

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 1709 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НАЈПОПУЛАРНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

© 2017 MOJ PORTAL  All Rights Reserved.   изработено од Асидус