Занимливост, Мистерии

Мистериозниот Бермудски триаголник

07 ноември, 01:26

 

 

 

 

 

 

Бермудски триаголник е име за областа која се наоѓа во водите на Атлантскиот Океан помеѓу Бермуда, Флорида и Порторико.

misteriozniot-bermudski-triagolnik, Мистериозниот Бермудски триаголник
Оваа морска површина која отприлика зафаќа околу 1.140 километри квадратни, низ историјата станала многу популарна и славна, но во негативна конотација затоа што е мистериозна и неразјаснета сѐ до ден денес.

Областа Бермудски триаголник се смета дека е главната причина за исчезнувањето на голем број авиони, бродови и луѓе, почнувајќи уште од времето на Кристофер Колумбо, кој во 15 век на пловидбата кон Новиот свет опишал дека токму над тоа подрачје имало многу силна и чудна светлина.

Според досега непотврдена статистика, во водите на Атлантскиот Океан на тоа место до сега се загинати околу 8.200 луѓе, што секако не е мала бројка која треба да се занемари. Токму таа огромна бројка е главна причина за истражувачите кои се обидуваат да дознаат што точно се случува на тоа место, зошто баш во тој триаголник настануваат сите исчезнувања на бродови и авиони.

Последниот забележан случај на исчезнување на објект со луѓе во Бермудскиот триаголник се случил во јуни 1997 година, кога е пронајдена јахта која му припаѓала на германско семејство, чие исчезнување било пријавено 10 месеци пред јахтата да ја забележат британски војници. 
Што точно се случило со семејството, кога исчезнало, како исчезнало, не се знае. 

Дали причината за несреќите кои се случуваат во Бермудскиот триаголник е лошото време, дали станува збор за некоја временска дупка, дали станува збор за суштества од друга планета, натприродни сили или нешто друго, за сега не можеме да знаеме.

Теории кои ја објаснуваат причината за настанувањето на несреќите во Бермудскиот триаголник има многу и секоја од нив наведува различна причина. Секако, тие теории до сега не се потврдени, но во секој случај се интересни да ги знаеме како податок.
Овие се најинтересните од нив.

- Напад од гусари - оваа теорија не може да објасни како настанало исчезнувањето на авионите, но може да се земе предвид како причина за исчезнување на бродовите. Гусарите биле и можеби сѐ уште се активни токму во овој дел на Атлантскиот Океан, па поради тоа оваа теорија сѐ уште е актуелна кај теоретичарите.


- Магнетно поле - Бермудскиот триаголник е второто од двете места на светот каде географскиот и магнетниот север се совпаѓаат. Според ова, застапниците на оваа теорија тврдат дека на ова место се појавува силно магнетно поле кое резултира со електромагнетна бура која во атмосферата создава магла и темнина над површината на морето. 
Ако оваа теорија се земе како точна тогаш може да се објасни и неправилното и хаотично работење на инструментите и компасите во авионите и бродовите во моментот кога минуваат над оваа област.


- Влијанието на комета - во недостиг на докази за вистинитоста на оваа теорија истата повеќе може да се смета дека е претпоставка отколку теорија. Таа објаснува за постоењето на комета, која во минатото паднала на овој простор и благодарение на неа се јавува електромагнетна сила која е причина за губењето на комуникација на бродовите и авионите со базните единици. До ден денес таква комета не е пронајдена на овој простор.


- Метан - оваа теорија претпоставува дека метанот е виновен за настанување на несреќите во оваа област. На површината на океанот метанот излегувал во форма на огромен меур кој ја намалувал густината на водата, па ако бродот се најдел во таков меур, многу лесно бил повлекуван кон дното. Но каде би биле во овој случај остатоците од тие потонати бродови? Оваа теорија и за тоа прашање има одговор. Таа ја наведува силната голфска струја, која минува низ овој простор, како една од главните причина за исчезнувањето на потонатите бродови.
Иако се претпоставува дека оваа теорија е вистинита, до ден денес не се пронајдени извори на метан во водите на Бермудскиот триаголник.


- Временска дупка - оваа теорија е една од најинтересните теории затоа што не може и не постои начин да се докаже. Според неа исчезнатите бродови и авиони минувајќи низ временската дупка, која како тунел се појавувала на ова место, се транспортирале или назад во минатото, или биле праќани во иднината.


Теории и претпоставки има многу, но ниту една од нив до сега не може да ја разоткрие мистеријата која се случува на површината на Бермудскиот триаголник.
Останува да се надеваме дека во блиска иднина ќе можеме да дознаеме што точно се случува на ова место и што точно се случило со сите досега исчезнати бродови и авиони, а до тогаш да се надеваме дека повеќе нема да се случуваат вакви мистериозни исчезнувања.


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 7200 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус