„Вратата на пеколот”
Во средишниот дел на Азија, во Туркменистан, во сушниот предел на пустината Каракум, во близина на селото Дервезе се наоѓа огромен кратер во кој веќе 40 години горат огромни пламени јазици.
Во тој дел од пустината забележливи се екстремно високи температури кои само допринесуваат пламенот и понатаму да гори.
Кратерот кој е широк 70 метри и длабок околу 20 метри настанал сосема случајно кога група научници од поранешниот Советски сојуз почнале да вршат испитувања со цел да откријат дали на тоа место се наоѓаат извори на нафта и природен гас.
Сѐ се случувало во седумдесеттите години од минатиот век. За време на мерењата и ископувањата целата опрема на научниците за еден миг пропаднала во кратерот кој се формирал само за неколку секунди. Од кратерот веднаш почнал да се шири мирис на природен гас - метан кој извирал баш на тоа место и од страв да не настани некоја поголема катастрофа на труење, научниците одлучиле да го запалат гасот. Мислеле дека за неколку часови или денови ќе изгори целиот гас но се излажале бидејќи од тогаш, поточно од 1971 година па сѐ до денес гасот сѐ уште гори и личи како да нема да престане во наредните неколку десетици години.
Токму поради константниот пламен кој излегува од кратерот тој е наречен „Вратата на пеколот”.
Луѓето од целиот свет кои имаат слушнато за оваа единствена и уникатна појава доаѓаат на местото за самите да се уверат и со свои очи да ја погледнат „Вратата на пеколот”, а Дервезе пополека почнува да наликува на туристичка атракција во што голем удел секако има локалното население, кое гледа можност за некаква заработка од целата ситуација.
Ако до сега не сте слушнале за „Вратата на пеколот” прочитајте и погледнете ги фотографиите и уверете се и самите во она што се зборува за ова несекојдневно место.
Додади коментар