Сте слушнале ли за мистериозните камења кои се движат?
Во националниот парк „Мртва Долина” во Калифорнија, секоја година се случуваат мистериозни геолошки природни феномени.
На дното на езерото кое се наоѓа во овој парк и кое секоја летна сезона пресушува, забележани се камења кои се движат од едно место кон друго, при тоа оставајќи забележливи траги зад себе.
Оние кои се занимаваат со проучување на оваа мистериозна појава кажуваат дека камењата поминуваат од прилика по 500 метри и се движат по прави, заоблени или по цик - цак линии.
Зошто камењата се движат токму на ова место никој со сигурност до ден денес не може да ни открие.
Интересно е дека не постојат никакви снимени материјали кои би докажале дека овие камења навистина се движат, а наспроти тоа на дното на езерото секоја година забележливи се трагите кои камењата од најмали па до најголеми (кои тежат и по неколку килограми) ги оставаат зад себе.
Постојат неколку тврдења кои до некаде би ја разрешиле оваа мистерија, но повторно со напомена дека ниту едно од нив не е 100% сигурно.
Едно тврдење е дека камењата се движат под дејство на силните ветрови кои дуваат во овој предел и кои некогаш знаат да бидат со брзина и од 150 км/ч, а друго недокажано тврдење е дека после дождот, кој на ова место паѓа многу често во доцните часови, под дејство на ниските температури се формира тенок слој на мраз низ кој камењата многу лесно под дејство на ветрот се лизгаат и оставаат траги.
Но што навистина се случува со овие мистериозни камења и како и зошто тие се движат сѐ уште не знаеме.
И самото езеро всушност е мистериозно. Во текот на дождливите месеци целата површина е прекриена со плиток слој вода која во лето се суши, при тоа оставајќи посебен шестоаголен облик на сушена кал која ја има само на ова место и на ниту едно друго во светот. Интересно, нели?
Најверојатно не е ни случајно што токму на ова место, токму на ова каллива површина се движат овие мистериозни камења!
Подетални истражувања кои би ни ја разрешиле мистеријата не е дозволено да се прават на ова место, бидејќи станува збор за појава која се случува во строго заштитен национален парк, па секој обид за експериментирање не е дозволен со цел да не се уништат и нарушат природните процеси кои се случуваат.
До следни подетални информации кои би ни ги разрешиле нашите сомнежи и верувања ве оставам да уживате во фотографиите на кои се фотографирани познатите движечки камења.
Додади коментар