Убава наша, Репортажи

Куклица

26 април, 18:00

Малото село Куклица се наоѓа во источниот дел на Македонија и претставува геолошки резерват во кој се најдени фосилни остатоци од дендро – флора.

Според изгледот на камените остатоци и преданието како тие настанале, овој резерват е познат уште и како „Весела свадба” и е единствен резерват со овој тип на остатоци во регионот.

Преданието кажува едно, а науката друго.

Според преданието, високите камени фигури кои достигнуваат висина и до 10 метри, настанале како резултат на клетва која ја фрлила некоја млада мома. Момата била излажана од некој итар младоженец дека ќе ја земе за жена, па кога видела дека во подолното село, истиот тој младоженец прави свадба со некоја друга мома, фрлила клетва: „Да даде Господ сите да се скамените” и, така и се случило. Се скамениле сите гости кои присуствувале на свадбата, зетот како се бакнува со невестата, кумот, кумата, деверот, старосватот и сите останати.

Науката пак кажува дека камените кукли во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи. Долготрајните атмосферски влијанија (врнежите,температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале вулканските карпи и затоа тие имаат карактеристичен облик. Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои „земјени пирамиди”, како што уште се нарекуваат овие камени остатоци, постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, остатоците постојано го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година.

Без разлика дали ќе му верувате на преданието или на науката, треба да го посетите Куклица, да ја видите и од блиску да ја доживеете „Веселата свадба”.
Чувството е неповторливо.

 

 


автор: Stojanovska Elena

Оваа вест е прочитана 5852 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

19 Мај

19 Мај
Во 1962 година во САД, светски познатата пејачка Мерлин Монро, во чест на 45 - от роденден на тогашниот претседател Џорџ Кенеди, го испеа препевот на песната „Happy Birthday Mr. President”
© 2022 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус