Печени јаболка со сливи и цимет

30 јануари, 11:34

Во попладневните часови кога сакате да се одморите со убава шолја чај или кафе, кога ќе погледнете на масичката пред нас и кога ќе ја испиете првата голтка од топлата напивка, ви се јавува чувство како нешто да ви недостига. После втората голтка тоа чувство станува уште посилно, а после третата веќе знаете што ви недостига. Празното место на масичката едноставно чезнее за чинија убав сладок десерт. Чајот или кафето секогаш е поубаво кога се пијат во друштво со залак од некоја слатка делиција. Можете да направите и да размислувате за најразлични слатки нешта, но што има поедноставно од овошјето. Овошјето може да се јаде свежо, варено, печено, во разни торти, пити, колачи и што уште не, но овојпат мојот предлог ќе биде наједноставен: ПЕЧЕНИ ЈАБОЛКА И СЛИВИ СО ЦИМЕТ.


На овој начин приготвените јаболка и сливи се особено добри за оние што имаат потешкотии со редовното празнење на цревата. Затворот или опстипацијата е многу честа појава во последните децении кај луѓето како последица од начинот на живеење. Нередовната и неправилна исхрана, сѐ поголемата употреба на преработената храна, намалена физичка активност како главни причинители за тоа се само дел од уште многу поголема палета на неправилности кои го карактеризираат современиот начин на живот што од своја страна води кон појава и прогресија на многу болести меѓу кои предничат малигните заболувања. Забележителна улога во превенцијата на сите овие негативни случувања има исхраната: што ќе јадете, како тоа ќе го комбинирате, како ќе го приготвите итн. Не е потребна тука којзнае каква умешност, понекогаш и она наједноставното си ја остварува својата цел 100%. Јаболкото и сливата како овошја кои со своите нутритивни вредости се во служба на одржување на метаболизмот и регулирање на празнењето на цревата се нешта кои редовно треба да ги имате при рака како ужинка.

Како да го направите овој едноставен РЕЦЕПТ?

Потребни ви се следните намирници:

  • 1 кг. јаболка по ваш избор
  • 500 гр. замрзнати сливи (во зима кога го нема, а во лето свежо зошто тогаш овошјето го има во изобилие во таква состојба)
  • 20 гр. цимет во прав
  • 1/2 чаша вода
  • 1/2 чаша толчени ореви

Подготовка:

Најпрво на  јаболката им ги отстранувате семките со вдлабнување, а потоа по ваша желба им ја лупите лушпата, а може и со лушпа, но пред тоа добро да се измијат. Потоа ги редите во тава или огноотпорен сад едно до друго, во средината им ставате толчени ореви, а потоа помеѓу нив и во средината во вдлабнатините им ставате по една половинка од секоја слива. Ги поросувате со цимет и им ја ставате водата внимавајќи притоа циметот да остане на јаболката од горе. Рерната претходно сте ја загреале на 200°Ц и кога ја достигнала температурата ја ставате тавата да се пече. Се пече околу 1час сѐ додека јаболката не добијат убава браон боја, а сокот почнува да се карамелизира.

На овој рецепт може да му се додадат и смрзнати смокви. Во сезоната кога има свежи смокви можете да ги замрзните така што ќе можете во зима да правите разни убави слатки нешта. Комбинацијата на јаболко, слива и смоква со цимет дава особена раскош на вкусот. Навистина прекрасен, малку необичен десерт кој во себе содржи природни шеќери кои ќе ве расположат и задоволат, а визуелниот ефект е полн погодок и за изненадување на вашите гости.

ЧУВСТВОТО НА УЖИВАЊЕ СО ЗАДОВОЛСТВО ГО СПОДЕЛУВАМ СО ВАС.

 

Peceni jabolka so slivi i cimet


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 3435 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 април

28 април

Денеска се одбележува 50 годишнината од постоењето на Битолски весник.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус