Здрава ужинка – здрава грицкалка

02 февруари, 00:14

Кога ги пишувам моите рецепти во мене секогаш се буди едно исто чувство или уште подобро кажано се буди желба да ви откривам дел по дел од себе.

Моето секојдневие, она што јас сум, да го направам мозаик или сложувалка. Дел по дел, коцка по коцка од таа сложувалка да ви ја подавам, а вие само една по една да ја сложувате сè додека не ја направите таа сложувалка откривајќи притоа како јас низ сите мои минати години се менував паралелно едуцирајќи се и создавајќи еден нов свет, нов поглед на сè околу мене, сфаќајќи притоа дека со тие промени мојата мисла се прочистува, енергијата се зголемува, едноставно го чувствувате животот во вистинската смисла на зборот. Таа моја желба што се раѓа мислам дека е благодет за секој оној кој сака да живее секој ден подобро, да се надоградува, да оди во насока на само изградување отфрлајќи ја со самото тоа себичноста, што секој од нас ја поседува и е всушност вградена во човековата природа и инстинкт, сфаќајќи притоа  АКО СИ САМИОТ ДОБАР, ЗДРАВ И ФИЗИЧКИ И ЕМОТИВНО УШТЕ ПОДОБАР СИ ЗА ТИЕ ОКОЛУ ТЕБЕ. Само на тој начин се живее здрав, успешен и исполнителен живот.

Мали ситни промени кои секојдневно треба да се прават, мали чекори кои сигурно ќе ве водат по патот на успехот се вистинскиот начин. Една од тие промени е изборот на малите ужинки кои секако треба секојдневно да ги практицирате. Често во часовите на одмор, кога седнуваме да се опуштим, нашата рака знае да посегне по некоја чинија на масата или едноставно мислата почнува да ја буди желбата за некое слатко или солено задоволство. Но токму тука се крие нашата сопнувалка. Тогаш здравата мисла најчесто ѝ отстапува место на онаа нагонска желба да се задоволи сетилото за вкус без да размислуваме при тоа дали тоа по што ќе посегнеме е добро за нашето здравје или не. Секако повремено задоволување на тие наши желби е добро, но сè додека тоа е свесно и контролирано може, но често се случува тоа да ни стане вообичаена практика што не е добро зошто додека трепнеме стрелката на вагата отишла нанапред, а здолништето или пантолоните станале помали за еден број најмалку, а вашето здравје почнува да покажува чудни знаци и сигнали кои вие треба навреме да ги прочитате и веднаш да почнете да дејствувате. Често желбата знае да го прелаже разумот и потоа чувствувате грижа на совест и се прекорувате ветувајќи си самите на себе дека тоа нема да ви се случи пак, но знаете што е лекот за тоа?

Погледнете што стои на мојата масичка и за што мојата рака често посегнува а при тоа мојата совест е мирна, а стрелката на вагата стои ли стои на исто место...

Zdravi gricki

Тоа се моите ЗДРАВИ ГРИЦКАЛКИ - убави свежи стапчиња од морков, корен од целер, бела ротква  или дајкон и цвекло. Како да ги направите?Едноставно, ви треба:

  • 1 поголем морков
  • 1/2 главичка од корен од целер со средна големина
  • 1/2 главичка од бела ротква или парче од 3 см.од дајкон
  • 1/2 глaвичка  од цвекло со средна големина

Зеленчукот ќе го излупите и ќе го исечете на стапчиња во должина од 4-5 см. Ќе ги ставите на чинија и слободно подадете ја раката.

Од ваква ужинка, со овие здрави грицкалки, вашата совест е мирна, а вашето тело топло ви заблагодарува.

Што добивате со ваква здрава ужинка? Широка лепеза на витамини и тоа :

  • витамини од групата Б - Б1(тиамин), Б6(пиридоксин), Б3(ниацин),
  • витамин Ц,
  • витамин А,
  • витамин К,
  • каротеноиди - алфа и бета каротен, лутеин+зеаксантин
  • минерали - магнезиум, калиум, калциум, железо и сулфур
  • силициум кој особено допринесува за апсорбирање на железото во организмот и со тоа допринесува за зацврстување на:
  • коските
  • кожата
  • косата,ТАА СЕ ЗГУСНУВА И ИНТЕНЗИВНО ПОЧНУВА ДА РАСТЕ
  • ноктите
  • антиоксиданси - борци во првата линија против слободните радикали кои се причинители за појава на туморозни и канцерозни заболувања.

Благотворно дејство на вакви грицкалки врз здравјето, МЕДИЦИНСКИ БЕНЕФИТИ:

  • го одржуваат дигестивниот систем на оптимално ниво
  • го зајакнуваат вашиот метаболизам
  • го зајакнуваат имунитетот
  • го подобруваат здравјето на срцето
  • се борат со слободните радикали преку своите антиоксидативни соединенија кои ја зголемуваат активноста на одредени видови леукоцити кои отстрануваат некои видови на штетни клетки
  • вршат детоксикација (прочистување) на црниот дроб, а со тоа инерактивно и на целиот организам
  • имаат диуретичко дејство и со тоа ги елиминираат вишокот на течности од организмот
  • ги зајакнуваат коските и мускулите
  • допринесуваат за добар сон преку присуството на триптофанот
  • даваат енергија
  • добро ја контролираат телесната тежина што значи бидејќи имаат многу малку калории добри се за секакви диети и за одржување на нормалната телесна тежина.

Може да се кажува уште многу што мислам навистина ќе ве наговори да правите вакви здрави грицкалки, во почеток можеби необични ќе ви бидат, но набрзо ќе станат составен дел на вашето секојдневие, особено на женската популација која сака добра фигура од 7-77. Па повелете, магичната формула за добра фигура е:

  • правилна исхрана
  • здрави грицкалки
  • барем минимална дневна физичка активност  иииииииии......

РЕЗУЛТАТОТ САМ ПО СЕБЕ ДОАЃА... МОЕТО ИСКУСТВО ТОА ГО  ПОТВРДУВА... ОД МЕНЕ СО ЉУБОВ ЗА ВАС.


автор: Petrovska Vesna

Оваа вест е прочитана 2699 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

28 април

28 април

Денеска се одбележува 50 годишнината од постоењето на Битолски весник.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус