Поучни приказни

Сами сме градители на нашите животи

23 септември, 06:56

Веќе остарен градежен работник се спремал да замине во пензија од фирмата во која што долги години работел. 

На својот претпоставен му кажал дека му е доста од работа, дека сака што поскоро да си замине во пензија, за остатокот од својот живот го помине на раат и во мир со својата жена и семејството. 

Свесен бил дека ќе му недостига пријателството со колегите, дружењето и солидната плата, но сепак сакал да проживее помирен живот.

Сопственикот на фирмата многу се нажалил кога ја слушнал веста за неговата одлука за заминување во пензија, бидејќи бил свесен дека фирмата ја напушта еден добар и одговорен работник.

Пред да замине, сопственикот го замолил работникот заедно со неговиот тим да изградат само уште една куќа, па потоа да ја напушти работата.
Барањето повеќе било како исполнување на лична услуга на сопственикот, отколку како работа која треба да се заврши.

Стариот работник се согласил но не по своја волја. Го собрал тимот, набавиле материјал и опрема и започнале со изградбата на куќата. 
Додека работел, цело време во мислите и во срцето не бил задоволен од последното барање на сопственикот, па затоа работел безволно и без желба.

Кога куќата бил готова, дошол сопственикот за да види како е направена. 

Откако убаво ја разгледал сопственикот дошол до стариот работник и во неговите раце го ставил клучот од влезната врата на новоизградената куќа велејќи му: „Оваа куќа е за тебе, таа е поклон од мене”.

Стариот работник доживеал шок и се чувствувал многу непријатно. Да знаел дека куќата ја прави за себе ќе ја направел многу подобро. Сега ќе мора да живее во куќа која не била баш најдобро изградена, а уште пожално, во куќа која била градена без мерак без волја.


Слични вакви ситуации се случуваат и во нашите животи. Тие минуваат без ние да сме свесни за тоа, отсутни сме, не живееме како што треба и како што сакаме, во важни моменти на нашиот личен и професионален живот не го даваме од нас она што го носиме во нас.

Потоа се згрозуваме од сознанието дека треба да живееме во куќа во која не сакаме да живееме, но во која мораме да живееме, бидејќи самите ние сме си ја направиле. Да сме знаеле порано дека во таа куќа ќе треба ние да живееме, ќе сме ја направеле многу поинаку и многу подобро.

Секојдневно ја градиме нашата животна куќа без да сме свесни за тоа. Правиме некои работи само затоа што така треба, а не затоа што сакаме така да ги направиме.

Оние кои се мудри градители на својот живот, секоја тула во секој момент ја ѕидаат со многу љубов и радост.

Животот е еден вид проект кој секој од нас сам си го гради.

Нашиот денешен живот е плод на нашите избори и однесувања од минатото. Нашиот утрешен живот ќе биде резултат на сегашните избори кои ги правиме и на сегашните однесувања кон себе и кон другите.

Секој ден е изгубен и напразно поминат ако некому не сме подариле насмевка, ако некому не сме ја дале нашата поддршка, ако не сме покажале сочувство, ако не сме поделиле радост, ако не сме сакале ...


автор: Jakimova Jasmina

Оваа вест е прочитана 2286 пати.

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
Security Image  Освежи

Коментар


НА ДЕНЕШЕН ДЕН

2 Мај

2 Мај

Во 1975 година во Лондон е роден познатиот фудбалски професионалец Дејвид Бекам.

© 2024 МОЈ ПОРТАЛ  Сите права се заштитени.   изработено од Асидус